Dudica Admin
Posts : 809 Join date : 2010-09-24 Age : 35 Location : Srbija
| Naslov komentara: Slavuji ispunili Tošinu želju 2011-01-25, 01:41 | |
| Славејчињата му ја исполнија желбата на Тоше
Дечињата од хорот „Златно славејче“ имаат голема чест први да отпеат детска песна на Тоше Проески, која ќе води кон натамошно презентирање на неговите композиторски способности. Иако знаевме дека Тоше беше сестран и оти пееше различни видови музика, дури сега дознаваме колку многу песни има „заглавено“ во неговиот компјутер, вели продуцентот Валентино Скендеровски
Честа да го отворат вечерашниот концерт, насловен „Со љубов за Тоше“, со кој ќе биде одбележан 30-от роденден на најголемата македонска музичка ѕвезда, ќе го имаат децата од хорот „Златно славејче“, кои заедно со членовите на музичкиот кабинет од Крушево премиерно ќе ја испеат неговата композиција „Песната е пасворд“, за која текстот го напиша Огнен Неделковски, а аранжманот е на Валентино Скендеровски. Славејчињата како втора нумера ќе ја изведат „Can You feel the love tonight“ на Елтон Џон од цртаниот филм „Кралот лав“, што Тоше често ја пеел пред пријателите.
Ги посетивме славејчињата завчеравечер во студиото „Ентерпрајз“ на Валентино Скендеровски, каде што снимаа и на самото место се уверивме со колкава желба и љубов тие ја пееја „Песната е пасворд“, подготвувајќи се за вечерашниот концерт, на кој ќе настапат заедно со голем број македонски и балкански познати пејачи и групи, кои заедно со обожавателите на Тоше со изведба на неговите песни ќе одбележат три децении од неговото раѓање.
- Со снимањето на „Песната е пасворд“ ние всушност исполнуваме една голема желба на Тоше Проески - вели Бобан Јосифовски, главниот менаџер на детскиот фестивал „Златно славејче“.
- Уште одамна Тоше ни вети дека ќе напише песна за „Златно славејче“ и ете тоа се остварува сега. Среќни сме што нашето задоволство ќе го поделиме вечерва со неговите обожаватели во салата „Борис Трајковски“ - дополни тој.
Тоше во неколку наврати при нивните средби му велел на Бобан дека има желба да компонира неколку песни за „Златно славејче“, бидејќи многу сакал да учествува како автор на овој детски фестивал, каде што ги направи своите први чекори во светот на музиката.
- Бидејќи беше сé поуспешен во компонирањето, му реков да напише нешто и за нашиот фестивал, каде што првпат запеа, како што стори и Симон Трпчевски, но и други поранешни славејчиња. Се сеќавам дека ми одговори: „Еј супер, Боби, тоа е одлична идеја, баш сакам да напишам песна за славејчињата!“ И за време на нашите последни средби ми рече дека веќе има неколку детски песни во неговиот компјутер и оти би сакал и јас да ги слушнам. „Само побрзо донеси ми текстови“, ми рече. И јас навистина му однесов некои стихови, тој со задоволство ги зема, но, за жал, се случи тоа што се случи... Сега сите се чувствуваме убаво, бидејќи постхумно исполнуваме една негова желба. Инаку „Песната е пасворд“ е напишана од Тоше, но и му е посветена нему. Имавме разбирање и дозвола од семејството за овој проект. На тригодишнината на неговата смрт бев во Крушево, заедно со Огнен и Соња Неделковски и со Ранко Петровиќ-Бубамара и кога се осветуваше крстот во близина на неговиот манастир „Свето Преображение“, јас на поменот ја споменав оваа идеја, чија реализација најблиските на Тоше ја одобрија. И навистина се совпаднаа многу моменти: „Славејчето“ славеше лани 40-годишен јубилеј, а сега се слави 30 години од неговото раѓање. Освен тоа, Тоше ги направи своите први чекори на овој фестивал, така што навистина има многу симболика во сето ова, а освен тоа сите знаеме дека децата беа неговата најверна и најискрена публика.
Текстот на Огнен Неделковски е прекрасен и е напишан како славејчињата да му се обраќаат на својот омилен Тоше, вели Бобан Јосифовски.
Кога Тино Скендеровски, во чие студио „Ентерпрајз“ славејчињата ја снимаа песната, го прашавме како е да се работи со овие златни дечиња, ни рече дека тие се веќе стари пријатели, бидејќи тој веќе пет години го прави мастерот за фестивалот „Златно славејче“.
- Секоја година ги гледам како доаѓаат сé поголеми и поголеми и не можам веќе ни да ги препознаам. Големо задоволство е да се работи со овие палави, но многу талентирани славејчиња и многу ми е мило што токму овие деца, поточно хорот „Златно славејче“, пеат песна на Тоше. Секако, задоволството е поголемо поради тоа што јас го правев аранжманот и што песната е снимена во моето студио „Ентерпрајз“. Овие славејчиња имаат голема чест први да отпеат детска песна на Тоше Проески, која е реализирана по повод неговиот 30-ти роденден и ќе биде вистинскиот чекор за презентирање на неговите композиторски способности. Иако знаевме дека Тоше беше сестран и оти пееше различни видови музика, дури сега дознаваме колку песни има „заглавено“ во неговиот компјутер. Колку многу мелодии има забележано што си ги работел дома, за кои никој не знаел. Неодамна од неколку песни ја одбравме оваа како најсоодветна, Огнен го напиша текстот, а јас аранжманот и така се роди „Пасворд“. Гледате децата колку се среќни, а и јас сум многу задоволен како сé излезе - ни рече композиторот и продуцент Тино Скендеровски.
Едно од златните гласчиња беше и она на Тамара Георгиева: - Во „Златно славејче“ членувам веќе шест години и ми претставува огромно задоволство и чест што сега снимаме песна од Тоше Проески, кој беше вечна инспирација и ангел што вечно ќе живее и многу сум горда сум што ние славејчињата снимивме негова песна - ни рече таа.
А нејзините другари и другарки од хорот додадоа дека многу им се допаѓа песната што ја напишал нивниот Тоше, оти е певлива и има прекрасен текст и убедени се дека уште долго ќе се пее меѓу нивните врсници. А пасвордот за нив, секогаш кога ќе се спомене името на нивниот идол, е љубовта што во огромни количества ќе му ја подарат и за неговиот 30-ти роденден.
Песната е пасворд
Има осум ноти, Ама чувства милион, Песна тој ни вети Толку убава ко сон!
Еве таа песна Сега нека полета, Да му каже дека ќе го сакам секогаш!
Дури има песни Тој ќе биде славејче, Сите ѕвезди нека светат, Да му слават лет!
Рефрен: Секое славејче Кога ќе запее Љубовта расте ко цвет. Секаде летаме, Секаде шетаме, Песната е пасворд во цел свет!
Еве таа песна Сега нека полета, Да му каже дека тој е со нас секогаш!
Музика Тоше Проески Текст: Огнен Неделковски Аранжман: Тино Скендеровски Снимено во студио „Ентерпрајз“
| |
|